понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Перо Антиќ се огласи за хаосот во Црвена Звезда: Се извинив на сите во клубот поради цигарите, алкохолот и сѐ останато

Перо Антиќ се огласи за хаосот во Црвена Звезда: Се извинив на сите во клубот поради цигарите, алкохолот и сѐ останато

Текстот кој се појави денеска во српскиот весник „Информер“ во кој е опишан наводен хаос во таборот на актуелниот шампион во АБА-лигата, екипата на Црвена звезда, предизвика голема бура во соседството и донесе вонредна прес-конференција на црвено-белите во која се обидоа да се одбранат од нападите.

Како еден од најголемите виновници за хаосот во таборот на белграѓани, барем според објавениот напис, е потенциран македонскиот интернационалец Перо Антиќ. Тој, наводно, постојано „фаќал кривини“ и не го почитувал тренерот Душан Алимпијевиќ, па дури во еден момент му дал жолт картон како последна опомена пред „летање“ од клубот. За сето ова одговор даде предводникот од клупата на Ц. Звезда.

„Па, што е потребно, да му скршам нога на Перо за да го скротам? Тој на Звезда ѝ даде многу повеќе од тоа што се договоривме кога го раскина договорот со Фенербахче. Ме боли што наместо денеска да зборуваме за родендените на синот на Антиќ и на ќерката на Лазиќ, ние се замараме со вакви глупости. Но, барем сега знаеме на што сме, свесни дека нема ништо чесно и честито во српската кошарка во моментов“, изјави Алимпијевиќ.

Свое излагање имаше и Антиќ, кој пред неколку дена исто така беше нападнат преку медиумите, откако се појави видео снимка како седи во кафеана со цигара и алкохол и тоа непосредно по поразот во финалето од Купот на Србија против Партизан.

„Знам како оди новинарската работа, но смешно е што сето ова излезе на роденденот на мојот син. Сите кои ме познаваат знаат дека давањето жолт картон не е во мој стил. Работиме добро и очигледно некој сака да ја наруши хемијата во нашиот тим. Имам голем респект кон Алимпијевиќ, тој е тренер и сѐ што ќе каже ние без проблеми го правиме, без разлика во годините. Што се однесува до објавеното видео, јас веќе се извинив на сите во клубот поради цигарите, алкохолот и сѐ останато“, изјави македонскиот интернационалец.

Ц. Звезда во моментов е лидер во АБА-лигата и е без шанси за пласман во плејофот во Евролигата.