четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Радуловиќ: Недозволиво е шампионска екипа да има 42 изгубени топки на два натпревара

Радуловиќ: Недозволиво е шампионска екипа да има 42 изгубени топки на два натпревара

Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Радуловиќ како голем проблем за неговиот тим ги нагласи многуте изгубени топки на двата последни натпревара во АБА 2 лигата.

Аеродромци синоќа против Подгорица имаа 21 изгубена топка, но за нивна среќа го добија натпреварот со поените на Адем Мекиќ на две секунди пред крајот.

– Овие три дена одигравме два инфарктни натпревари. Од Сутјеска изгубивме меч кој повеќе заслуживме да го добиеме , отколку овој со Подгорица. Имаме проблем со изгубени топки. На два натпревара имаме 42 изгубени топки, нешто што е недозволиво за шампионска екипа. Тоа мора да го решиме. Имавме проблем и со скокот. Сумарно, проблем ни се изгубените топки и ако тие грешки ги намалиме ќе бидеме подобри. Добро е што победивме. Сега среќата беше на наша страна. Таква е кошарката, истакна Радуловиќ.

Следниот натпревар, последен од „балонот“ во Бања Лука, МЗТ Скопје ќе  го игра на 12 февруари против Војводина. Со седум победи и два пораза „сино-белите“ од Аеродром се на 2. место на табелата во втората по квалитет регионална кошаркарска лига.