Минатата недела, ЦСКА Москва го именуваше Емил Рајковиќ за нов тренер, па Македонецот попладбево беше промовиран и се сретна со медиумите.
„Да се биде тренер на ЦСКА Москва е голема чест но и голема одговорност. За мене ова е награда за сè што сум постигнал досега. На навивачите сакам да им кажам дека сум среќен што пристигнав тука и се надевам дека ќе искусиме многу радосни моменти. Следната сезона нема да бидеме дел од Евролигата, но финалето на ВТБ лигата ни покажа колку кошарката може да биде возбудлива“ – рече Емил Рајковиќ.
Запрашан дали се двоумел кога добил понуда од ЦСКА Москва, Македонецот додаде: „Веќе четири години сум дел од лигава (ВТБ) и уште од самиот старт му кажав на мојот агент дека сакам да работам во ЦСКА, секој тренер сака да работи за голем клуб. Немав никакви сомнежи, бев горд и задовлен кога дознав дека ЦСКА ме сака. Свесен сум дека ме чека голема одговорност, но мислам дека моето 16 годишно искуство ќе ми помогне да се справам со работата и очекувањата“.