Кошаркарот Пау Гасол се најде на списокот играчи на шпанската кошаркарска репрезентација која ќе патува во Токио за Олимписките игри во претстојното лето.
Кошаркарскиот турнир е предвиден да се игра од 24 јули до 8 август, дотогаш Гасол ќе има полни 41 година.
Гасол се враќа во селекцијата со цел да го освои златниот медал од ОИ, што му недостасува во богатата колекција. Во Токио ќе се појави како двократен НБА првак, трикратен европски првак и златен медал од СП 2006 година кое се одигра токму во Токио. Се очекува по планетарниот спортски собир Пау да ја заврши кариерата.
Од тимот кој пред две години ја освои титулата на Мундобаскетот во Кина, на списокот се најдоа уште Рики Рубио, братот на Пау, Марк Гасол, Пјер Ориола, Руди Фернандес, Серхио Љуљ, Виктор Клавер и браќата Вили и Хуанчо Ернангомес.
Шпанија во групната фазана ОИ ќе се сретне со домаќинот Јапонија, светскиот вицешампион Аргентина и победникот од квалификацискиот турнир во Каунас, кој ќе се одлучува меѓу Литванија, Венецуела и Јужна Кореја.