Освојувачот на Купот на Македонија од 2022 година, ТФТ Моцарт и во новата сезона ќе биде еден од претставниците на нашата земја во АБА 2 лигата.
Право на настап во неа, тимот од Тафталиџе обезбеди со третото место во основниот дел од домашното првенство, а денеска на адреса на клубот пристигна потврда дека е прифатена апликацијата и дека раководството може да почне да се подготвува на организациски и играчки план.
Во својата дебитантска сезона, ТФТ го освои 11. место со три победи и 10 порази и не успеа да се пласира во плејофот, па тоа ќе биде една од амбициите за идната натпреварувачка кампања.
Мината сезона ТФТ учествуваше и во квалификациите за Кошаркарската Лига на Шампиони, дури и беше организатор на еден од турнирите, но останува да се види дали и претстојната сезона ќе биде дел од натпреварувањата на ФИБА.
Покрај ТФТ Моцарт, право на настап во АБА 2 лигата имаат и МЗТ Скопје кој испадна од елитната дивизија и Пелистер кој го освои второто место во основниот дел.