Тренерот на шампионот на НБА, Голден Стејт Вориорс – Стив Кер, кој е голем фан на тенисот, ги следи натпреварите од годинешниов Ју Ес Опен во Њујорк.
– Ѓоковиќ, Надал и Федерер се моите омилени играчи. Само погледнете го машкиот дел од ждребот, тоа е најдоброто што можеме некогаш да го видиме. Ова се некои од најдобрите тенисери на сите времиња. Омилен ми е Ѓоковиќ, Надал е физички импресивен, додека Федерер ме потсетува на Кари, рече Кер за сајтот на АТП.
Тренерот на „воините“ се восхитува на долговечноста на Швајцарецот, со кој неговиот тим се запозна за време на „Мастерс“ турнирот во Шангај.
– Тоа беше неверојатно. Дрејмонд грин го праша како тој успеа да остане на врвот толку долго време, бидејќи ние се обидуваме истото, но тоа е тешко. Роџер едноставно одговори, зборуваше за рамнотежата помеѓу работата и семејството, за тоа како тој го сака своето семејство во неговиот живот, изјави тренерот.
На прашањето на кој од тенисерите би му понудил НБА договор, веднаш одговори: „Јас би се обидел со Новак. Мислам дека може секого да чува, бидејќи многу добри се движи и мислам дека може да остане пред било кој друг. Би бил добар во контрите. Би сакал да го видам на кошаркарскиот терен, заклучи Кер.