Кошаркарите на Црвена ѕвезда на домашен терен го победија тимот на Партизан со 91:78 (19:21, 19:20, 24:18, 29:19), намалувајќи го резултатот на 1:2 во финалната серија од плејофот во АБА лигата.
Немања Недовиќ до победата го предводеше „црвено-белиот“ тим со 19 поени, а Лука Митровиќ со седум скока и Филип Петрушев со пет скокови постигнаа по 16 поени.
Најефикасен во тимот на Партизан беше Данте Ексум со 16 поени, поен помалку постигна Јам Мадар, а 12 поени додаде Кевин Пантер.
На натпреварот во поранешната сала „Пионир“ му претходеа тензии, бидејќи „црно-белите“ го напуштија загревањето откако навивачите на домашниот тим фрлаа кон нив разни предмети од трибините а потоа од паркетот се повлекоа и „црвено-белите“. По извесно време двата тима се вратија на теренот, но првото полувреме мина во нервозна игра на двете екипи и не многу квалитетна кошарка.
Четвртиот натпревар е закажан за вторник од 19 часот, а домаќин повторно ќе биде Црвена ѕвезда.