недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Баксуз на душманите: Македонија веќе има победа на СП на – „Петок 13-ти“!

Баксуз на душманите: Македонија веќе има победа на СП на – „Петок 13-ти“!

Суеверието е важна дисциплина кога навивате за некого страсно, а македонската ракометна репрезентација секој јануари ги тера нашите навивачи да веруваат во што и да треба, само да се радуваме на победа.

Затоа денешната комбинација не е многу популарна кај суеверните, на прв поглед бидејќи е „петок 13-ти“. Меѓутоа прочепкавме низ преградите на историјата во желба да го разбиеме баксузот и излезе спротивното.

Во сите 12 настапи на Европски и Светски првенства од 2009 наваму, Македонија само еднаш играла на „Петок 13-ти“ и резултатот е – победа! На Светското првенство во Шпанија, во 2013 година, се соочивме со Катар и остваривме победа со 34-30. Тоа беше втор меч на тој Мундијал, откако претходно го совладавме и Чиле. До крајот на групната фаза загубивме од Данска и од Исланд, а ремизиравме со Русија, за на крај да го освоиме 14. место.

Уште три пати потоа игравме на 13 јануари, но никогаш повторно не беше петок. Во Загреб на ЕП во 2018 отворивме против Словенија, со еуфорична победа со 25-24. Следната година на СП во Минхен 13 јануари повторно ни донесе победа, со 28-23 против Бахреин. Единствениот пораз на денешен датум го доживеавме пред 12 месеци во Дебрецен, со 25-27 против Словенија.