Шефот на Канцеларијата за координација на санкциите во американскиот Стејт департмент, амбасадорот Џим О’Брајан, денеска и утре ќе престојува во Софија, соопштија од Амбасадата на САД во Бугарија.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, О’Брајан ќе оствари средби со претставници на бугарската Влада и со претставници на меѓународната бизнис заедница. Со нив ќе разговара за теми поврзани со промовирање на транспарентно и поволно деловно опкружување, поддршка на странските директни инвестиции и зајакнување на владеењето на правото.
За време на посетата на Софија, тој ќе посети настан организиран од Американската стопанска комора, со учество на германската и швајцарската стопанска комора, посветен на зајакнување на трансатлантските деловни односи.
Американската Влада ја цени можноста да работи со своите бугарски партнери во денешниот клучен момент за светската економија да создаде подобро поврзана и просперитетна иднина, наведе американската Амбасада во Софија во сооопштението за посетата на О’Брајан. (МИА)