Централната банка на Босна и Херцеговина денеска предупреди дека земјата годинава ја очекува голем раст на инфлацијата, поради неповолните економски влијанија и постојаниот раст на цените, предизвикани од руската инвазија на Украина.
– Инфлацијата за првата половина од годинава ја проценуваме на 9.2 отсто, се наведува во соопштението на банката. Инфлацијата за првата половина од 2022 година, во декември е проценета на 4.5 отсто.
Силниот раст на инфлацијата се темели на очекуваното зголемување на цените на нафтата, гасот и на храната на меѓународните пазари за испорака за првите шест месеци годинава.
Забавување на инфлацијата се очекува во втората половина од годината, првенствено поради базниот ефект од 2021 година и претпоставката дека нема да има натамошен интензивен раст на цените на храната и на енергијата.
Се предупредува дека сите прогнози се несигурни.
Постои закана и од зголемување на цената на електричната енергија, Босна и Херцеговина ја има доволно за свои потреби, но, трошоците за производство, веројатно, ќе мора да се усогласат со тие на светскиот пазар.
Влијание ќе има и на очекуваниот раст на БДП, што претходно за 2022 година е проценет на ниво од 3.9 отсто, а сега е извесно дека ќе биде значително помал, но, од банката не наведуваат колку ќе изнесува тоа намалување. (МИА)