Во инцидент меѓу две групи навивачи во Солун, повредени биле двајца, кои се пренесени во болница, а грчката полиција уапсила 13 лица на возраст од 16 до 37 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА станува збор за навивачи на солунските клубови ПАОК и Арис.
Од грчката полиција соопштија дека уапсените се товарат за прекршување на законот поврзан со спортски настани, за насилство, за нанесување телесни повреди, нарушување на мирот, насилство врз службени лица итн, а кај навивачите биле пронајдени и запленети кациги, метални прачки, дрвени предмети и железен синџир.
Случајот го презеле полициски службеници од Управата за борба против насилството во спортските објекти, кои продолжуваат со истрагата за откривање и апсење на останатите инволвирани лица.
Во тепачката меѓу двете групи, биле повредени двајца, а сите уапсени ќе бидат изведени пред јавен обвинител. (МИА)