Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Гебриел Ескобар и посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак се очекува да допатуваат денеска во Приштина, во обид да му дадат нов поттик на косовско-српскиот дијалог за решавање на споровите меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во најновиот заеднички обид на САД и ЕУ да го заживеат процесот на преговори, Ескобар и Лајчак ќе престојуваат во Косово до среда, 2 февруари, по што ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.
Според локалните медиуми, главна цел на посетата на американскиот и европскиот дипломат е „подготвување на теренот за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград”, кој веќе неколку месеци е речиси целосно замрзнат.
Главни прашања кои се очекува да се отворат на средбите со државните раководители во Косово и Србија се формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово и модалиетите на меѓусебно признавање на двете држави, изјавија за агенцијата Косовапрес познавачи на политичките состојби во Приштина.
Канцеларијатта за врски на ЕУ во Косово објави дека Лајчак и Ескобар ќе се сретнат со политички лидери, како и со претставници на меѓународната заедница и на граѓанското општество.
– Главна цел на посетата е да се дикутираат следните чекори во дијалогот за нормализација на врските меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ, се вели во сооштението на приштинската канцеларија на ЕУ