Мислам дека треба да го заборавиме наративот дека Косово е Србија и да преминеме на наративот дека Косово и Србија се всушност Европа, изјави денеска специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Во интервју за Н1, тој рече дека Србија и Косово имаат заедничка иднина која „многу брзо се оддалечува од проблемите на деведесеттите“ и се приближува до 21 век, во кој Западен Балкан ќе стане „генератор на раст за целиот европски континент“.
Тој посочи дека реалноста е дека регионот ќе се поврзе преку економски договори, како што е Отворениот Балкан. „На крајот, сигурно ќе имате добри односи со Косово, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина“, рече Ескобар. Тој изјави дека Србите од Косово имаат „двојно државјанство, Србија и Косово“ и дека во таа смисла нивните права мора да бидат заштитени „од двете страни“.
Тој посочи дека како граѓани на Србија имаат право да гласаат и да учествуваат во економскиот и културниот живот на Србија и дека како граѓани на Косово имаат право на заштита на косовските институции. Тој додаде дека постои голема загриженост во меѓународната заедница за потенцијална ескалација на насилството поради мерките што ги спроведува владата на Косово.