Поради влошената епидемиолошка состојба во Албанија, германската амбасада во Тирана, денеска ја затвори канцеларијата за визи и пасоши.
– Од денеска, 18.11.2020 година, поради актуелната состојба со Ковид-19, канцеларијата за визи и пасоши на германската амбасада во Тирана е затворена од превентивни причини. Лицата погодени од затворањето на канцеларијата ќе добијат нов датум / час на апликација што е можно поскоро, стои во соопштението на амбасадата.
Барајќи разбирање амбасадата додава дека ќе бидат информирани преку веб-страницата на амбасадата или Фејсбук веднаш штом канцеларијата продолжи со својата активност.
Поради влошената епидемиолошка состојба албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, вчера донесе дополнителни ограничувачки мерки.
-Се забранува собирање на повеќе од 10 лица на отворен и затворен простор, забрана за партиски состаноци и собири, конференции, церемонии по повод празници, како и домашни веселби и погребни церемонии кои ќе може да се одржуваат само во кругот на семејството. Ова ќе важи до следна одлука, стои во соопштението на Комитетот.
Со одлука на Комитетот од 15 октомври задолжително е носење заштитна маска и на отворен простор а од 11 овој месец воведен е полициски час од 22:00 до 06:00
За непочитување на полицискиот час следува парична казна од 80 евра додека за неносење маска 25 а доколку биде повторен прекршокот 40 евра. (МИА)