Поради зголемениот број новозаразени во Грција, Комисијата на епидемиолози при Министерството за здравство предложила да нема никакво олабавување на мерките до први мај, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Ова би значело дека Велигден ќе биде со постоечките мерки, односно задолжителна маска во затворените делови, задолжителен сертификат за речиси сите простори, како и задолжителни тестови за невакцинираните.
Иако министерот за здравство на Грција Танос Плеврис минатата седмица најавуваше можно олабавување на мерките од средината на април, но и потенцираше дека сè ќе зависи од епидемиолошката слика, сепак зголемениот број нови случаи се чини дека не дозволува укинување на рестрикциите.
Член на комисијата на епидемиолози за весникот „Катимерини“ рекол дека „во моментов имаме разгорување на епидемијата, кое не треба да го поттикнуваме“ и додал дека за да се донесе одлука за укинување на мерките, треба да се намали бројот на случаи.
Доколку се анализираат официјалните податоци на Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите седум дена, во просек дневно имало по 21.000 новозаразени и по 52 смртни случаи од Ковид-19.
Како што вчера објави МИА, Грција надмина три милиони потврдени случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а во изминатите две години починаа вкупно 27.454 лица. (МИА)