Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Атина се сретна со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, кој потврди дека нема да има промена на официјалниот став на Грција во однос на непризнавањето на независноста на Косово.
Вучиќ на Инстаграм објави дека имал добар и пријателски разговор со грчкиот премиер, со кого размениле мислења за севкупната регионална соработка, глобалните прашања и односот на Грција кон ситуацијата на Косово.
„Нашите грчки пријатели уште еднаш потврдија дека нема да има промена на официјалниот став во однос на непризнавањето на еднострано прогласената независност на Косово“, посочи Вучиќ и додаде дека се работи на зајакнување на соработката меѓу двете земји во сите области.