недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грција тагува по пилотите кои загинаа во канадерот: Едниот од нив не доживеа да го види своето дете

Грција тагува по пилотите кои загинаа во канадерот: Едниот од нив не доживеа да го види своето дете
Фото: screenshot ERT

Двајца офицери на грчките воздухопловни сили, капетанот Христос Мулас (34) и потпоручникот Периклис Стефанидис (27), загинаа во вторникот, нешто пред 15 часот по локално време, додека се обидувале да го изгаснат пожарот во близина на селото Платанистос, во Регионот Каристос во Евија.

Само неколку минути пред трагичниот маневар тие го известиле центарот на воениот аеродром кај Волос, од каде што полетале, дека го „исфрлаат последниот товар“ и најавиле враќање во базата.

Снимател на државната ЕРТ (Грчка радио телевизија) ја снимил таа фатална половина минута во која може да се види како Мулас и Стефанидис исфрлаат 5,5 тони вода од нивниот Канадер-215, а потоа од непознати причини со десното крило удриле на самиот врв на дрво во шумата која ја прелетувале. Канадерот се урнал во планинскиот предел по што следувала експлозија.

Истото попладне, специјален тим на воздухопловните сили спроведе истрага и ја потврди смртта на двајцата пилоти.

Христос Мулас, капетан по чин, искусен пилот на противпожарни авиони, е родум од Ханија, од Крит. Тој не доживеа да го види своето дете. Неодамна ги повикал колегите да ја прослават бременоста на неговата сопруга, радувајќи се на татковството.

Периклис Стефанидис е роден во Кукуш, посетувал гимназија во Солун, а по завршувањето на летачката школа „Икарион“ се вклучил во противпожарната авијација.

Звучи неверојатно дека на 23 јули 2007 година, недалеку од местото на вчерашната трагедија, во близина на градот Стира, загинаа и двајца пилоти кога нивниот противпожарен авион се урна при гаснење пожари на Евија.

Вооружените сили на Грција прогласија тридневна жалост.