недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Харадинај испратил покани за церемонијата за формирање на косовска армија

Харадинај испратил покани за церемонијата за формирање на косовска армија

Владата на Косово ги презема последните подготовки за церемонијата за формирање војска, па така во име на премиерот Рамуш Харадинај се испратени покани за настанот, пренесува „Газета блиц“.

Поканите се однесуваат за церемонија што ќе се одржи на 14 декември, во 17 часот, во касарната „Адем Јашари“ во Приштина.

Косовскиот министер за образование, Мухамет Кељменди, на „Фејсбук“ ги повика сите Албанци, каде и да живеат, финансиски да го поддржат креирањето и вооружувањето на војската. Напишал дека постојат закани и од север и од југ, а Албанците се наоѓаат помеѓу српски и грчки неофашистички напади.

„Да ѝ помогнеме на нашата војска“, напиша тој.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера во одвоени разговори со косовскиот премиер и со српскиот претседател, Александар Вучиќ, рече дека ваквиот потег на Косово доаѓа во лошо време и дека е против советите од многу НАТО-сојузници и може да има негативни последици за иднината на Косово. Тој рече доколку мандатот на Косовските безбедносни сили еволуира, НАТО ќе мора да го испита нивото на својот ангажман со Косовските безбедносни сили.