Бугарија ќе побара привремено да биде исклучена од ембаргото за нафта кон Русија, слично како Унгарија и Словачка, изјави вицепремиерот Асен Василев во интервју за весникот „Капитал“. Според него, Бугарија технолошки може без руска нафта, но тоа значително би ја зголемило цената на горивото.
„Од оваа гледна точка, доколку ЕК предвидува исклучоци, ние би сакале да ги искористиме овие исклучоци, бидејќи тоа е во најдобар интерес на бугарските потрошувачи, бугарските превозници и на бугарскиот народ воопшто. Доколку постои цврста европска позиција, ‘запираме сѐ за сите“ – тогаш добро. Но, ако има исклучоци, ќе го оствариме нашето право да го користиме истиот исклучок“, вели Василев.
Бугарија очигледно може без руска нафта, но не може без неа рафинеријата „Лукоил Нефтохим во Бургас“, која ќе престане да работи доколку се усвои предлогот на Европската комисија за забрана на увоз на руска нафта и нафтени деривати во ЕУ.