Пратениците во црногорскиот парламент утрово ја избраа новата влада предводена од премиерот Милојко Спајиќ, по дискусијата која траеше цела ноќ и беше одбележана со остра дебата меѓу поранешниот премиер Дритан Абазовиќ и Спајиќ.
По изборот, Владата денеска ќе се одржи нова седница на која ќе се одложи пописот на граѓаните што требаше да почне утре и кој опозицијата имаше намера да го бојкотира.
Владата е поддржана од коалицијата За иднината на Црна Гора, која се состои од поранешни членови на Демократскиот фронт (ДФ). Претходно за претседател на Собранието беше избран еден од лидерите на таа алијанса Андрија Мандиќ.
За владата гласаа 46 пратеници, 19 беа против, а еден воздржан. Во црногорскиот парламент има 81 пратеник.
Новиот премиер, претседателот на Движењето Европа сега, Милојко Спајиќ изјави дека реформската програма „Европа сега 2“ ќе биде целосно спроведена, како што беше најавено во предизборната кампања и „без ниту една запирка разлика“.
– Едвај чекаме да направиме резултат за нашата земја, рече тој по изгласувањето на новата извршна власт.
Тој посочи дека поддршката на неговиот кабинет од 46 пратеници е највисока што досега ја имала една влада во Црна Гора. – Тоа е позитивна вест, укажува на стабилност и добра основа за носење реформски закони, очекувам дека ќе оди многу побрзо од претходно, вели тој.
– Имавме фанатична, маратонска седница. Беше интересно. Важно е Влада е изгласана и веднаш почнуваме со работа, рече Спајиќ.
Тој најави дека во 8:30 часот утрово ќе има примопредавање, а во 10 ќе се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е во официјална посета на Црна Гора. (МИА)