петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Карла дел Понте: Доцна е за вистината за Косово

Карла дел Понте: Доцна е за вистината за Косово

Поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал Карла дел Понте смета дека поминале премногу години од злосторствата на Косово.

Таа истакна дека не очекува дека Специјалниот суд за злосторствата на УЧК ќе дојде до вистината и ќе ја задоволи правдата.

Премногу е доцна за да се утврди вистината за злосторствата извршени на Косово, а особено за Жолтата куќа. Се обидувавме да го направиме тоа на времето, но не успеавме, изјави Дел Понте денес за Танјуг.

Таа со тоа одговори на прашањето на Танјуг да ја искоментира можноста жртвите на УЧК и нивните семејства сепак да ја дочекаат правдата и покрај тоа што голем број докази за тие злосторства се уништени, во што удел имал, како што се шпекулира, и поранешниот обвинител на Хашкиот трибунал Џефри Најс, кој ќе биде адвокат на одбраната на поранешниот командант на УЧК Сами Љуштаку пред Специјалниот суд за воени злосторства.

Најс, колку што се сеќавам, не беше вмешан во случајот на истрагата за Жолтата куќа, кажа Дел Понте, додавајќи дека не знае дали судот по толку време ќе може да ја утврди вистината.

Приказната за уништувањето докази во хашкиот трибунал беше отворена пред десетина години, а Дел Понте во едно од интервјуата во 2011 кажа дека на Дик Марти му кажала дека треба да оди во Хаг, бидејќи таму постои досие со доказите собрани за „Жолтата куќа“, а дека притоа не знаела дека „доказните примероци биле уништени“.

Тогаш таа изјави и дека побарала од Трибуналот да спроведе интерна истрага и да открие кој го дал налогот за уништување на доказите.

Веднаш штом дознав за уништувањето на примероците му го поставив прашањето на Трибуналот. Тие потоа спроведоа интерна истрага и треба нив да ги прашате за резултатот. Јас знам кој е тој резултат, но не можам да го кажам бидејќи не сум повеќе во Трибуналот. Прашајте го Серж Брамерц, сегашниот главен хашки обвинител. Многу добро знае кој наредил, кажа Дел Понте тогаш.