Министерството за здравство на Кипар во следниот период ќе набави 200.000 брзи тестови за Ковид-19, од кои првите 50.000 ќе бидат достапни во следните десет дена, а ќе бидат наменети за тестирања во болниците и местата каде што се собираат голем број луѓе, како што се касарните, училишта и слично, јави дописничката на МИА од Атина.
Набавката на брзите тестови, како што соопштуваат од надлежното Министерство, е во рамки на активностите за справување со зголемениот број новозаразени.
Во изминатите денови и на Кипар е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вчера беше соопштен 181 новозаболен, а од почетокот на епидемијата заразени се 3.817 лица.
Брзите тестови веќе еден месец и половина се користат и во Грција, откако грчката Влада на почетокот на септември обезбеди 200.000 брзи тестови за Ковид-19.
Еден дел беше искористен на грчкиот остров Лезбос кога бегалците и мигрантите се сместуваа во новиот привремен камп, а во изминатиот период мобилни единици на Националната организација за јавно здравје на Грција, со брзите тестови се спроведуваат тестирања на жителите на различни населби во градовите со лоша епидемиолошка слика. (МИА)