Косовскиот премиер Албин Курти денеска најави дека Приштина до крајот на годинава ќе аплицира за кандидатски статус за ЕУ, при посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во посета на Западен Балкан.
– Европа е нашата судбина, Европа е нашата иднина, рече Курти на заедничката прес-конференција.
– Сакаме кандидатски статус во ЕУ и ќе аплицираме до крајот на годината, додаде Курти.
Косово прогласи независност во 2008 година и огромното мнозинство од земјите на ЕУ ја признаваат неговата независност, но не и Србија, ниту Русија, ниту Кина, што го спречува да се приклучи на ОН.
Нормализацијата на односите останува главна пречка на европскиот пат на Приштина, како и на Белград, и покрај долгогодишниот дијалог спонзориран од ЕУ. Германскиот канцелар Шолц повика на помирување.
– Она што е важно за Косово е дека дијалогот меѓу Косово и Србија, под ЕУ, напредува, рече Шолц.
Двете страни мора да најдат политичко решение со глобален и траен договор што ќе придонесе и за регионалната стабилност, додаде Шолц.
– Со прифаќањето на сите мерки и санкции против Русија, Косово покажа дека е кредибилен партнер кој е близок до нас и до европската и меѓународната заедница, рече Шолц. Србија ја осуди војната во ОН, но одби да застане на страната на западните санкции.
За време на турнејата, германскиот канцелар ќе го посети и Белград, потоа ќе продолжи со посета на Македонија и Бугарија.