вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Красниќи: НАТО на Косово не дојде поради ОВК, туку поради страдањата на Албанците

Красниќи: НАТО на Косово не дојде поради ОВК, туку поради страдањата на Албанците

Поранешниот гласноговорник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Јакуп Красниќи упати остри критики на сметка на премиерот Рамуш Харадинај, поради навредите кои тој ги изрече кон специалниот обвинител Елез Бљакај, кој поднесе оставка од функцијата поради притисоци од високи државни инстанци, јави дописникот на МИА до Приштина.

Красниќи, кој по прогласувањето на независноста на Косово беше и претседател на Собранието, а во одредени периоди ја вршеше и функцијата претседател на Косово, во интервју за КТВ рече дека државните лидери треба да внимаваат на својот речник. Директен повод за оваа забелешка беше изјавата на премиерот Харадинај дека обвинителот Бљакај е „детиште“ и „ситен крадец на кокошки“. Харадинај, пак, беше испровоциран од изјавата на Бљакај дека има 19.000 лажни воени ветерани кои ја чинат државата милиони евра годишно.

Јакуп Красниќи посебно му забележува на Харадинај за изјавата дека „некој кој престојувал во Блаце или Стенковец не може да кажува колку борци имало во Косово“.

– Слободата и независноста на Косово секако ја имаат основата во ОВК, но сите треба да знаат дека интревенцијата на меѓународниците уследи, не поради борбата на ОВК против Србија, туку поради тоа што Србија вршеше диверзија врз цивилното население, уништувајќи му го имотот и принудувајќи ги луѓето да ги напуштат домовите, изјави Красниќи за приштинската телевизија.

Според тогашниот политички портпарол на ОВК, „на сите треба да им биде јасно дека меѓунаодната интервенција е дело на граѓаните кои беа протерани со возови и на сите други можни начини“.

Красниќи тврди дека бројката од над 35.000 регистрирани воени ветерани е претерана и дека, реално, борци на ОВК во војната во 1998-99 имало приближно околу 13 илјади.

(Миа)