Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека решение за незавидната состојба во која се наоѓа здравството во земјата не е само преземањето мерки за спречување на одливот на медицинските професионалци, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната собраниска седница, Курти рече дека решение е и враќањето на тие кои веќе заминале и изрази уверување дека тоа е можно.
– Ние веруваме дека решението не е само во обидите да се спречи некој да замине во странство, туку треба и да се обидеш да ги вратиш тие кои заминале, бидејќи јас верувам дека такво нешто е можно. Доколку доживуваме некаква состојба на паника во која го сметаме за фатално нечие заминување, тогаш ќе ни биде тешко тој некој да го вратиме, одговори Курти на прашањето на опозициски пратеник за тоа што прави Владата за да го спречи одливот на лекари.
Медиумите во Косово во последно време јавуваат за драматичен одлив на медицинскиот кадар, кој главно заминува во Германија, а деновиве се алармира за недостаток на анестезиолози во јавните здравствени установи, кои, ако не ја напуштат земјата, сé повеќе преминуваат во приватни болници, поради повисоките плати и генерално подобрите услови на работа што им се нудат. (МИА)