Подгорица, 3 ноември 2022 (МИА) – Европската унија и САД изразија загриженост поради усвојувањето на законот за претседател на Црна Гора, со кој парламентарното мнозинство има намера да ги ограничи уставните овластувања на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ и да ги пренесе на црногорското собрание, објавија денеска подгоричките медиуми.
ЕУ ги покани политичките актери на дијалог за излез од „актуелниот политички ќорсокак“, со цел да се реализира желбата на граѓаните на Црна Гора за членство во ЕУ.
„Сите закони треба да бидат во согласност со Уставот. Ова прашање е особено чувствително поради отсуството на ефикасен Уставен суд“, соопшти за Радио Слободна Европа Делегацијата на ЕУ во Црна Гора.
Во истиот контекст реагираа и амбасадите на Германија, Велика Британија и Чешка, која во моментов претседава со ЕУ.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Подгорица соопшти дека САД „се загрижени поради ескалацијата на запаливата реторика и неодговорната конфронтација на црногорските лидери“ и ги повика сите страни заедно да најдат излез од политичката криза, што би било во согласност со црногорскиот уУстав.
По тој повод, неколку стотици граѓани синоќа протестираа во Подгорица, тврдејќи дека се работи за уставен пуч.
Иако во Уставот експлицитно е наведено дека претседателот го предлага мандатарот, 41 од 81 пратеник во црногорскиот Парламент гласаа за овој предлог-закон.