Средства во висина од 1,5 милијарди евра за месец ноември, а 2,3 милијарди евра до крајот на годината се наменети за бизнисите и вработените погодени од новите рестриктивни мерки во Грција, соопшти министерот за финансии Христос Стајкурас.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, меѓу деветте иницијативи на министерствата за финансии и труд и социјални работи се и: можноста за привремено суспендирање на работниот однос и вклучување на вработените во програмата за добивање надомест од 534 евра месечно, а на конкретната категорија вработени им се дава можност и за одложување на плаќањето на даночните долгови, а истото важи и за бизнисите.
За оние бизнис активности кои ќе затворат по наредба на властите, до април следната година се одложува плаќањето на ДДВ-то за месец ноември и може да се исплати на 12 рати без камата или на 24 рати со камата од 2,5 отсто доколку е после мај 2021 година.
Бизнисите кои што се во регионите со зголемена опасност, имаат право на задолжително намалување за 40 отсто на киријата за нивните деловни простори.
Предвидено е и финансирање на бизнисите преку т.н. „отплатен аванс“, односно финансиска помош за зајакнување на ликвидноста на бизнисите. За месец ноември ќе биде врз основа на падот на прометот во септември и октомври, а за декември врз основа на падот на прометот во ноември.
И во двата случаи, 50 отсто од секоја помош е неповратна.
Право на учество во конкретната програма имаат бизнисите кои имаат пад на прометот од најмлаку 20 отсто.
Дополнително, за невработените, надоместоците што истекоа и истекуваат во септември, октомври, ноември и декември се продолжуваат за два месеци.
Паралелно, задолжителната работа на далечина во приватниот и јавниот сектор е проширена на најмалку 50 отсто од вработените.
– Нашата цел е да ја прошириме и зајакнеме „безбедносната мрежа“ за работниците и бизнисите, да ги ублажиме економските последици од здравствената криза и да ја одржиме социјалната кохезија, истакна министерот за финансии Христос Стајкурас, соопштувајќи ги новите мерки за поддршка.