Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој на покана на неговата косовска колешка, Вјоса Османи престојува во официјална посета на Приштина, изјави дека Албанија треба да придонесе повеќе за јакнењето на меѓународната положба и за зачленувањето на Косово во меѓународните и регионалните организации, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во неговото обраќање пред пратениците во косовското Собрание, Мета рече дека „Косово е фактор на стабилноста во регионот“ и нагласи дека дијалогот со Србија, што се води со посредство на Европска Унија, треба да резултира со меѓусебно признавање на двете држави.
Според челникот на албанската држава, „на Албанија и Косово местото им е во големото европско семејство“.
– Ширењето на НАТО во нашиот регион е директна гаранција за заштитата на територијалниот интегритет и е целосно во служба на мирот, безбедноста и стабилнста во регионот. Ние силно ги поддржуваме напорите на Косово за зачленување во НАТО. Албанија ги има можностите и патиштата да направи повеќе во тој правец – како членка на НАТО, како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, како земја која за среќа ги започна преговорите за зачленување во ЕУ, изјави Мета во неговото обраќање пред косовското Собрание.
За време на престојот во Приштина, освен со претседателката Османи, албанскиот претседател денеска имаше средби и со собранискиот спикер, Глаук Коњуфца и со премиерот Албин Курти.
Претседателите Мета и Османи вечерва во косовската престолнина ќе присуствуваат на свеченото отворање на културната манифестација „Манифеста 2022“.
Посетата на Косово е последна официјална посета во странство на Мета во својство на претседател на Република Албанија, со оглед дека неговиот мандат на таа функција завршува в недела, на 24 јули.