четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Најниска бројка на новозаразени со Ковид-19 во Косово во последните 15 месеци

Најниска бројка на новозаразени со Ковид-19 во Косово во последните 15 месеци

Министерството за здравство на Косово објави дека во изминатите 24 часа во земјата се регистрирани само тројца новозаболени од Ковид-19, што е најниска официјална дневна бројка на нови случаи во последните најмалку 15 месеци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во редовниот дневен извештај на МЗ се наведува дека трите нови случаи на заразени се утврдени по извршените 837 тестови со методот РТ-ПЦР.

Минатото деноноќие не е забележан ниеден смртен случај како последица на пандемијата, а евидентирани се 28 излекувани, со што вкупната бројка на лица кои ја совладале болеста од нејзината појава пред повеќе од две години достигна до 224.295.

Вклучително последните официјални резултати, активни носители на коронавирусот во земјата се 447 лица.

Косовското МЗ информира дека досега се издадени 1.824.629 дози анти-ковид вакцини. По две вакцини примиле 821.629, додека трета доза 100.926 лица.

Во јавните здравствени установи во Косово се хоспитализирани вкупно седум лица со Ковид-19 – четири во Приштина и три во Ѓаковица – а од нив три се на оксигено-терапија.  (МИА)