Во Словенија е потврден првиот случај на новата варијанта омикрон на коронавирус, а трендот на смирување на епидемијата се успори минатата недела.
Секвенционирањето го откри првото лице заразено со омикрон, варијанта на вирусот што се шири побрзо и е веќе присутен во многу земји од ЕУ, потврди во вторникот премиерот Јанез Јанша за време на говорот во парламентот пред редовната седница, без да даде детали.
Во Словенија продолжува трендот на ублажување на епидемиолошката состојба со четвртиот бран на епидемијата, но министерот за здравство, Јанез Поклукар предупредува дека резултатите од минатата недела говорат дека тој тренд е успорен, и дека не треба да се очекува попуштање на епидемиолошките мерки.
Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 1712 новозаразени, односно, секој трет тест бил позитивен а починае 11 луѓе, објави Националниот Институт за јавно здравје.
Според таа институција, во Словенија моментално има 21.362 активни случаи. Седумдневниот просек на инфекции во еден ден бил 1.352, додека 14-дневната инциденца на инфекција на 100.000 население се намалила на 1.013.
Епидемиолошките податоци се во благ надолен тренд, но во болниците се уште има 817 пациенти, па се проценува дека здравствениот систем се уште е преоптоварен.
На одделенијата за интензивна нега има 235 пациенти, значително помалку од пикот на четвртиот бран кога ги имаше 291. Но, за поголемо олабавување на мерките според утврдената скала на мерки за релаксација, тој број треба да се намали на помалку од сто предупредуваат епидемиолозите.