недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Новото Собрание на Косово денеска ќе одржи конститутивна седница

Новото Собрание на Косово денеска ќе одржи конститутивна седница

Новото Собрание на Косово, произлезено од вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври, ќе ја одржи попладнево својата конститутивна седница, јави дописникот на МИА од Приштина.

По прогласувањето, на 27 ноември, на конечните официјални резултати од страна на Централната изборна комисија (ЦИК), претседателот на државата Хашим Тачи ја свика основачката седница за 26 декември, што беше последниот законски рок за нејзино одржување.

Претседателството на претходниот парламентарен состав, согласно законските одредби, ја закажа седницата за во 15 часот.

Најмногу гласови на вонредните парламентарни избори освои Движењето Самоопределување (ВВ), кое,] во седмиот по ред Парламент по војната во 1999 година ќе има 29 пратеници. Едно пратеничко место помалку освои Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој, како и ВВ, во претходниот мандат беше во опозиција.

Досегашната владејачка Демократска партија на Косово (ПДК) ќе има 24 пратеници, додека од нејзините коалициони партнери, Алијансата за иднината на Косово (ААК) освои 13, а коалицијата на Социјалдеморкатската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР) шест места.

Десет места во 120-членото косовско Собрание, според домашните закони, се гарантирани за претставниците на косовските Срби (и на овие избори сите места ги освои партијата Српска листа), а исто толку и за помалите етнички заедници, односно за претставниците на Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците.

Очекувањата во косовската јавност беа дека партиите победнички, ВВ и ЛДК, пред денешната конститутивна седница на Собранието ќе се договорат за формирање заедничка влада. Меѓутоа, нивните преговори запнаа по барањето на ЛДК да добие гаранции дека таа ќе го предложи кандидатот за иден претседател на државата, кој треба да се избере по истекот на мандатот на актуелниот шеф на државата во 2021 година, со што ВВ не се согласи.