Претседателката на Косово, Вјоса Османи по повод утрешните избори за градоначалници на четири општини на северот на Косово изјави дека тие се важен момент за граѓаните од тој дел на Косово и за иднината на нивните општини.
„Изборите се камен-темелник на секоја демократија, а денот на изборите е ден кога сите ќе го слушнат вашиот глас. Затоа, изборите на 23 април се важен момент за вас и за иднината на вашите општини, а правото на глас е загарантирано со Уставот и законите, за да уживаат сите граѓани на Косово, без разлика“, рече косовската претседателка.
Таа подвлече дека со својот глас граѓаните на општините на северот на Косово ќе се осигурат дека избраните претставници директно ќе се занимаваат со прашањата кои влијаат на нивните животи и ќе создадат перспектива за сите.
„Меѓутоа, сакам да ве уверам дека косовските институции прават се за овие избори да бидат слободни и фер и дека вашата безбедност е загарантирана. Затоа ве повикувам да ги одбиете оние што доаѓаат кај вас со закани и уцени и ве охрабрувам со своето учество на локалните избори на 23. април, да испратите силна и јасна порака“, се вели во пораката на претседателот на Косово.
Граѓаните со право на глас во четири општини на северот на Косово, населени главно со Срби – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, на 23 април ќе избираат нови градоначалници, а во Лепосавиќ и Звечан ќе гласаат и за новиот состав на општинските собранија.