петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Османи: Србија треба да одговара за своите постапки против Косово

Османи: Србија треба да одговара за своите постапки против Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, побара од меѓународната заедница Србија да биде таа која ќе се смета за одговорна за нападот на север на Косово, со тоа што „јасно ќе и се стави до знаење дека мора да престане да финансира и поддржува криминални групи за терористички акти“.

Османи на 29 септември заедно со амбасадори на земјите членки на НАТО и ЕУ разговараше за безбедносната состојба на земјата по нападот на косовската полиција во Бањска во неделата, кога загина еден полициски службеник, а потоа беа убиени и тројца од напаѓачите.

„Доколку вакви мерки изостанат, Србија тоа може да го злоупотреби, можеме да имаме повторување на вакви терористички акции“, изјави Османи.

Косово ја обвини Србија за вооружениот напад во Бањска, кој косовските власти го карактеризираа како терористички чин. Но, за разлика од овие тврдења, официјален Белград ги отфрли овие обвинувања и излезе со став дека нападот се случил бидејќи „Србите од северот на Косово повеќе не можат да го издржат теророт на премиерот Албин Курти“.

„Косово е решено да продолжи да промовира мир и стабилност во регионот, како и да работи со локалната српска заедница на нивно зближување и интеграција во општеството и институциите на Косово“, рече Османи по денешната средба.

Во меѓувреме, денеска на 29 септември, одговорноста за овој напад ја презеде Милан Радоичиќ, сега веќе поранешен потпретседател на партијата Српска листа, тврдејќи дека тој лично ги направил сите логистички подготовки за овој напад.

Ова признание на Радоичиќ доаѓа откако косовските власти веќе го посочија токму него како организатор и учесник во вооружениот напад.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на 26 септември објави видео од дрон за кое тврдеше дека ја прикажува токму улогата на Радоичиќ во вооружениот конфликт со полицијата во Бањска.

Во меѓувреме, Косово усвои резолуција во Собранието со која бара меѓународна истрага за вмешаноста на Државата Србија во нападот во Бањска.