Ниеден од двајцата кандидати за претседател на Косово, Вјоса Османи и Насуф Бејта, не ги доби потребните две третини од гласови на републичките пратеници за да биде избран по првите два круга гласање во Собранието на Косово, што значи дека ќе треба да се одржи и последниот круг гласање, во кој ќе биде биде избран кандидатот кој ќе го добие простото мнозинство од 61 глас, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обајцата кандидати за нов шеф на државата се предложени од редовите на владејачкото Движење самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.
Во првиот круг гласаа 81 пратеник, Османи доби 69 гласа, Бејта нитту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг, во кој гласаа 82 пратеници Османи освои 67, Бејта 4 гласа, а 11 ливчиња беа неважечки.
Според Уставот на Косово, за да биде избран за претседател на државата, за еден кандидат треба да галсаат две третини, односно 80 од пратениците во 120-членото Собрание. Доколку во првите два круга ниеден од канддидатите не ги добие потребните гласови, во третиот круг се избира кандидатот што ќе освои 61 глас, но под услов да гласале најмалку 80 пратеници. Доколку и во третиот обид не се избере претседател на државата, Собранието се самораспушта и се закажуваат нови парламентарни избори, кои треба да се одржат во рок од 80 дена.
Кандидат на ВВ е Вјоса Османи, додека Бејта, според медиумите е пријавен формално, колку да се запази процедурата.
Денешната седница е продолжение на вчерашната, кога во првиот круг, во два обиди не беа обезбедени 80 гласа, односно гласаа 78 првиот пат и 79 вториот пат. (МИА)