среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Политико: Залудни обиди за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија, Самитот во Гранада без резултати

Политико: Залудни обиди за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија, Самитот во Гранада без резултати

Неформалниот самит на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија, вчера заврши со неуспех, бидејќи лидерите на речиси 50 земји и највисоките претставници на ЕУ не успеаја да постигнат значителен напредок кон решавање на конфликтите на прагот на Европа, а залудни беа и напорите за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија, пишува бриселскиот портал Политико, јави дописникот на МИА од Белград.

Косовската претседателка Вјоса Османи одби да се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ доколку не бидат воведени санкции кон Белград поради нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември, пишува Политико.

„Чувството на залудност“ на неформалниот самит кулминираше кога Шпанија како домаќин во последен момент ја откажа планираната прес-конференција, која ја очекуваа дури 700 новинари, пишува бриселскиот портал.

Шпанија, која претседава со Европската унија, не објасни зошто е откажана прес-конференцијата на која требаше формално да и го предаде управувањето со Европската политичка заедница на Велика Британија.

Недостатокот на ентузијазам на лидерите за самитот беше очигледен уште од утрото, кога голем дел од учесниците не беа подготвени да им се обратат на бројните новинари кои ги чекаа, пишува Политико.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони помина покрај новинарите разговарајќи на нејзиниот мобилен телефон, а пред медиумите не се обратија ниту германскиот канцелар Олаф Шолц, ниту британскиот премиер Риши Сунак.

Третиот самит на Европската политичка заедница, платформа која ја смисли францускиот претседател Емануел Макрон, советниците го означија како можност за посредување меѓу Ерменија и Азербејџан, за деескалација на тензиите на Балканот и за стратешка дискусија за европската безбедност.

Лидерите беа обединети во нивната поддршка за Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, но не успеаја да постигнат напредок кога станува збор за други конфликти.

Тие се надеваа дека Гранада ќе биде домаќин на првата средба меѓу азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никола Пашинијан откако Азербејџан започна офанзива во Нагорно-Карабах, што доведе до егзодус на повеќе од 100.000 ерменски бегалци од тој азербејџански регион.

Сепак, надежите дека ќе се преземат чекори за ставање крај на хуманитарната криза во Нагорно-Карабах пресушија кога и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и лидерот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, решија да не доаѓаат на самитот. Азербејџан ја обвини Франција за пристрасност во преговорите и се согласи да разговара само со посредство на ЕУ во Брисел.

Кон крајот на денот, Макрон им рече на новинарите дека, заедно со зајакнувањето на соработката во борбата против сајбер криминалот, разговорите за Ерменија се доказ дека самитот бил корисен, иако се одржале без другата страна, Азербејџан, додава Политико.