Рации во седиштата на повеќе фудбалски навивачки групи изврши доцна синоќа полицијата во Солун во обид докрај да го расветли убиството на еден тинејџер и да стави крај на уличното насилство поврзано со фудбалот.
Претреси се извршени на 13 локации за кои полицијата се сомнева дека биле користени за организирање улични напади, при што се уапсени две лица, а запленети биле и безбол палки и пиротехнички средства. Полициската акција уследи откако во понеделникот вечер почина 19-годишниот Акис Камбанос, кој беше брутално претепан и избоден со нож на улица во Солун.
Под сомнение дека го извршил убиството подоцна беше приведено 23-годишно момче. Локалните медиуми јавија дека Камбанис бил навивач на Арис, а во инцидентот се повредени уште две момчиња, на возраст од 19 и 20 години.
Полицијата соопшти дека нападот го извршиле навивачи на ПАОК. Убиството во градот во кој владее жестоко ривалство меѓу навивачките групи на локалните екипи ПАОК и Арис ја шокираше земјата и предизвика остра осуда од државниот врв и политичарите.
– Како можеме да дозволиме нашите улици, паркови и плоштади да бидат места на насилство меѓу ривалски банди, загрозувајќи ја притоа безбедноста на нашите граѓани?, напиша грчката претседателка Катерина Сакеларополу на социјалните мрежи.