недела, 4. февруари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Продолжува вакцинацијата во Грција

Продолжува вакцинацијата во Грција

Вакцинацијата на медицинскиот персонал во пет атински болници продолжува и денеска, а претпладнево вакцината ќе ја примат и лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министерот за здравство Василис Кикиљас, како и генералниот секретар во Министерството за здравство Мариос Темистокелус, јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, вакцините денеска ќе бидат дистрибуирани и во болниците во грчките градови Солун, Лариса, Патра и Јанина за од утре да започне вакцинацијата на здравствените работници.

„Операцијата Слобода“, односно вакцинацијата во Грција започна вчера, а први ја примија вакцината медицинска сестра и повозрасен граѓанин згрижен во дом за стари лица.

По нив следеа претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, шефот на Комисијата на епидемиолози Сотирис Циодрас, претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, генералниот секретар на партијата МЕРА25 Јанис Варуфакис, претседателката на Националната комисија за вакцинација Мариа Теодориду, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос и митрополитот Јеротеос, како претставник на поглаварот на ГПЦ.

Засега, нема информации дека кај никој од вакцинираните во Грција во текот на вчерашниот ден се појавиле некакви реакции од вакцината.