Шефицата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК), Каролин Зијаде, денеска изрази длабока загриженост за потенцијалната ескалација на безбедносната ситуација на Косово и ги повика двете страни на смиреност. и воздржаност.
Зијаде, специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потсети на развојот на настаните од есента 2021 година и јули 2022 година и апелираше до страните да ги заштитат досегашните достигнувања, соопшти УНМИК.
Таа ги повика сите страни да покажат одговорност и да ги преземат сите мерки на претпазливост за да се избегне влошување на состојбата, што може да има несакани последици.
Зијаде повика на враќање на преговорите за да се зачуваат достигнувањата од дијалогот со посредство на ЕУ.
„Нема алтернатива на дијалогот за надминување на несогласувањата и спречување на недоразбирања кои би можеле дополнително да ги подигнат тензиите“, рече Зијаде.
Спорот меѓу Белград и Приштина за задолжителната пререгистрација на возилата со српски регистарски таблички на Косово ескалира последните денови.
Претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, за утре закажа средба на сите претставници на косовските институции на северот на Косово, на која ќе предложи сите Срби да ги напуштат тие институции поради суспензијата на директорот на Северната регионална дирекција на косовската полиција, Ненад Ѓуриќ. Ѓуриќ беше суспендиран бидејќи одбил да ја спроведе одлуката на Владата за врачување опомени на сопствениците на возила со српски регистарски таблички.