Според најновото истражување на јавното мнение на агенцијата „Маркет линкс, пет политички партии ќе влезат во составот на новиот бугарски Парламент. Според анкетата, тоа се ГЕРБ, БСП, МРФ, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија.
Анкетата е финансирана и спроведена заеднички од приватната национална телевизија БТВ и „Маркет Линкс“, врз репрезентативен примерок од 1.026 возрасни бугарски граѓани во периодот од 18-25 март.
Како што се приближува датумот на изборите, 4 април, и во екот на третиот бран од пандемијата, се повеќе бугарски граѓани се двоумат дали да излезат на гласање.
Добромир Живков од „Маркет Линкс“ за БТВ коментира дека доколку пред еден месец 51 отсто од анкетираните изјавиле дека сакаат да гласаат, сега овој процент на гласачи изнесува 46 отсто.
Владеачката ГЕРБ и натаму ја задржува предноста со околу пет отсто, на една недела пред парламентарните избори, со 22,8 отсто рејтинг кај Бугарите , додека за главната опозициска формација – БСП би гласале 18,1 отсто.
„Има таков народ“, партијата на ТВ водителот и шоуменот Слави Трифонов би освоила 12,7 отсто, МРФ девет отсто, а Демократска Бугарија 7,5 отсто. „Исправи се, и кажи“ има рејтинг од 4,5 отсто, додека ВМРО-БНД останува под цензусот за влез во новиот бугарски Парламент со 3,3 отсто доверба кај гласачите, покажува анкетата.
Истражувањето покажува дека 38 отсто од сите бугарски граѓани со право на глас изразуваат желба за надпартиско владеење по 4 април. Само 20 отсто од гласачите сакаат еднопартиски кабинет.
Се очекува протестните гласови да имаат влијание и да ги променат прелиминарните ставови на парламентарните избори во Бугарија. Агенцијата соопшти дека тоа не е одржливо и може да го зајакне работењето на вонпарламентарните опозициски сили.
Живков објасни дека епидемиолошката состојба, исто така, може да влијае врз резултатот од гласањето. Според него, околу 30 отсто од испитаниците сметаат дека изборите треба да се одложат. Сепак, речиси половината од испитаниците сметаат дека треба да се спроведат и покрај растот на морбидитетот во нашата земја.