Словенечката Влада направи неколку измени во врска со рестриктивните мерки на границата, вклучително и дозволен влез на нејзина територија без карантин за лица кои се имунизирани со вакцините „Спутник V“ и „Џонсон и Џонсон“, под услов да ја примиле првата доза пред најмалку 21 ден, објави новинската агенција СТА.
Влезот без карантин или бесплатен ПЦР-тест веќе важи за луѓето кои покажуваат документ дека се вакцинирани со Фајзер, Модерна или Астра Зенека.
На владината седница е одлучено, исто така, времето на транзит низ Словенија да се зголеми од шест на 12 часа, а на листата се додадени и работи поради кои луѓето можат да влезат итно во државата без карантин или бесплатно да се тестираат на граница.
Учениците над 15-годишна возраст, кои секој ден ја минуваат границата, и лицата кои ги носат на училиште веќе нема да мораат да се тестираат на неделно ниво, доколку веднаш се вратат во Словенија откако ќе ги остават учениците во соседната земја.
Без карантин или со негативен ПЦР тест во претходните 72 часа, во Словенија можат да влезат лица од Европската унија, доколку работат како чувари или домашни помошници на луѓе кои имаат потреба од помош, или, пак, да работат на одржување на приватен имот кој го поседуваат, изнајмуваат или користат.