Со чартер лет од Атина на Меѓународната организација за миграција (ИОМ Грција), 86 пакистански државјани утрово се вратија во Пакистан во рамките на програмата за помогнато и доброволно враќање и реинтеграција на мигрантите во нивната земја на потекло, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Проектот е кофинансиран со 75 отсто од европските фондови и со 25 проценти од националните фондови и го спроведува Меѓународната организација за миграција во соработка со Службата за азил на Министерството за миграција и азил на Грција и грчката полиција.
Од почетокот на програмата во септември 2019 година, повеќе од 9.020 мигранти безбедно се вратиле во своите земји на потекло.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, утрово беше на атинскиот аеродром при заминувањето на 86-те мигранти и истакна дека „земјата ги засилува депортациите и доброволните и присилните“.
-Нашата земја спроведува строга, но правична миграциска политика и во последните три години, повеќе нелегални мигранти ја напуштија нашата земја отколку што пристигнаа, истакна Митаракис.