вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Со протести против Договорот од Преспа ќе биде пречекан Ципрас

Со протести против Договорот од Преспа ќе биде пречекан Ципрас

Протести против Договорот од Преспа организираат здруженијата од грчката дијаспора и „Комитетот за борба за Македонија“ на 8-ми септември, односно на денот кога свечено ќе биде отворен 83. Меѓународен саем во Солун и свое обраќање ќе има грчкиот премиер.

-На 8-ми септември на Меѓународниот саем во Солун, грчкиот народ ќе покаже дека премиерот Алексис Ципрас, Министерот за Надворешни работи Никос Коѕијас, коалициониот партнер Панос Каменос, сите министри од владата и политичарите што го поддржуваат Договорот од Преспа се непожелни во Солун и Македонија, бидејќи со договорот го финализираа историскиот криминал што води до поделба на земјата и е против грчкиот народ, пишуваат организаторите во нивниот повик преку социјалните мрежи и додаваат дека ако не се поништи Договорот од Преспа „веќе нема да постои слободна Грција“, а „со Договорот е потпишана смртта на Македонија и на Грција“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, паралелно и независно од собирот за „одбрана на Македонија“, протест, речиси во исто време, организираат и синдикатите.

Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, ги повикува граѓаните да им се придружат и против владината политика, но и поради Договорот од Преспа и НАТО.

Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и јавниот сектор, исто така ќе одржат протест, но исклучиво поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.

Не е исклучена можноста, до свеченото отворање на саемот на 8-ми септември да се закажат и други протести. (МИА)