Помала група Срби се собраа денеска во Северна Митровица, општина во регионот на Косово населен со мнозинско српско етничко население, во знак на поддршка на Русија и на нејзината воена интервенција во Украина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објавија локалните медиуми, учесниците на протестот, кој се одржа пред бистата на некогашниот руски конзул, Григори Степановиќ, носеа српски државни знамиња и банер со пораката „Поддршка на руските браќа и на Русија од Србите од Космет (Косово и Метохија)“.
Околу петнаесетина граѓани кои излегоа на собирот ги повикаа Русите и Украинците да најдат заедничко решение и, како што порачаа, „да се обединат против западот“.
Еден од организаторите на собирот, Небојша Јовиќ, кој неодамна е именуван за главен повереник на таканареченото „Повереништво на Движењето за одбрана на КиМ на Косово“, им изјави на новинарите дека се излезени во својство на граѓани и дека тоа не е политички собир.
– Денес сме тука за да им испратиме порака на поддршка на рускиот народ и на нашите руски браќа дека не се сами. Ние сме со вас и ќе останеме покрај вас, изјави Јовиќ, порачувајќи дека, за разлика од претходниот ист таков собир во Белград, денешниот се одржа „на дел од окупирана територија“. (МИА)