Неодамнешните тензии на административните премини се преселија во северниот дел на Митровица и во Звечан.
Шок бомби и солзавец употреби косовската полиција против поголема група српски демонстранти, кои протестираа против акцијата на косовските власти кои претпладнето вршеа рации против криумчарење стока во повеќе продавници и аптепки на Срби во Митровица. Запалени се неколку автомобили. Како што тврди српската страна, косовската полиција користела и боева муниција, а повредени биле десетина Срби, од кои еден бил застрелан во Звечан и се бори за живот.
-Со ранувањето на Среќко Софронијевиќ падна првата капка крв, српска крв на Косово и Метохија, а зборувавме и предудупредувавме дека тоа не смее да се случи. Уште еднаш ги повикуваме и КФОР и меѓународната заедница да реагира и го запре лудилото на Албин Курти., изјави Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово
Српскиот претседател Вучиќ се упати кон Рашка на итен состанок со претставниците на Србите на Косово. Косовските медиуми објавија дека се повредени шест полицајци. Од Косовската полиција соопштија дека акцијата била насочена против криумчарење стока во неколку градови, вклучително и во Приштина и во Пеќ.. Косовскиот премиер Курти изјави дека акцијата е завршена и повика на смирување на состојбата.
-Запленети се стоки што претставуваат докази. Криминалците и криминалните групи нема да се толерираат и ќе бидат фатени. Ќе се бориме против шверцот. Ги повикувам граѓаните да не станат жртви на пишувањето на медиумите во Србија, напиша Албин Курти на Фејсбук.
Шефот на европската дипломатија Борел повика на итен прекин на насилствата и на еднострани потези.
Инцидентите следат десетина дена по кризата на административните премини Брњак и Јариње, кои беа заземени од косовските специјалци, а Патот до нив беше блокиран од косовските Срби како реакција на одлуката на Приштина да не дозволува влез на возила со српски таблички без да им бидат заменети со привремени косовски таблички.