Специјалното обвинителство во Хаг денеска соопшти дека во тек се операции на Специјалното обвинителство на Косово кои се одвиваат со поддршка на косовската полиција и мисијата на Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС).
Подетални информации ќе бидат доставени наскоро, пишува во соопштението.
Припадници на ЕУЛЕКС вршат претрес во седиштето на Демократската партија на Косово (ДПК) и семејните куќи на претседателот во оставка на Косово, Хашим Тачи, поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели и шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување Реџеп Селими.
На сите пред Специјалното обвинителство во Хаг им е потврдено обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Пред зградата на ДПК и семејните куќи има и припадници на косовската полиција кои го обезбедуваат пристапот до објектите.
Тачи вчера поднесе оставка на функцијата претседател, откако Специјалниот суд го потврди неговото обвинение.
По доброволното предавање и апсењето во седиштето на ЕУЛЕКС, Тачи, Весели и Селими вчера беа префрлени во притворската единица на Специјалниот суд во Хаг.
Судот за злосторства на ОВК во Хаг синоќа ги повика жртвите на кривичните дела споменати во обвиненијата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи да се јават и да учествуваат во судската постапка.
Судот во соопштение наведе дека жртвите можат да се пријават ако можат да покажат дека претрпеле штета, вклучително и физичка, душевна или материјална, како директен резултат на кривичните дела од потврденото обвинение.
– Гласот на жртвите е неопходен за остварување на правдата. Преку нивниот претставник, жртвите кои учествуваат во постапката можат да ги остварат правата што им се дадени според нашите важечки регулативи и да се погрижат нивниот глас да биде слушнат пред надлежните судии, рече претседателката Екатерина Трендафилова.
Говорејќи за важноста на учеството на жртвите, обвинителот Џек Смит рече дека кривичните дела во обвинението се сериозни и оти во грижата за тоа правдата да се задоволи, не смеат да се заборават страдањата на жртвите.
– Учеството во постапката може да им даде сила на жртвите и да обезбеди нивниот глас да се слушне, рече обвинителот Смит.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети реагираше во врска со потврдата на обвиненијата за водачите на ОВК, и на Фејсбук напиша дека „војната на Ослободителната Војска на Косово беше праведна војна на албанската нација за слобода и самоопределување, но исто така и за правда и владеење на правото, демократско и кохезивно општество, ориентирано кон евро-американските вредности“.
– Знам, како јас така и моите другари, ако имавме уште по еден живот, втора можност да се бориме за слобода и еднаквост, ќе го сторевме тоа повторно затоа што верувавме и веруваме во правото на нашата нација, напиша Ахмети.
Тој истакна дека владеењето на правото и вистинската неселективна правда се целта на сите и им честита на лидерите на Косово кои, како што напиша, „на најдостоинствен начин одговорија на повикот за правда“ и им посака брзо враќање на нивните должности.