Не стивнуваат реакциите во Бугарија откако вчера премиерот Бојко Борисов го обвини претседателот Румен Радев дека го шпионира со дрон, по објавувањето фотографии од лидерот на конзервативната „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ) како спие полугол во спална.
Радев, кој ја има поддршката на Бугарска социјалистичка партија (БСП), се очекува денеска да одговори на обвинувањата дека опозицијата се обидува да ја компромитира Владата на Борисов со цел да се блокира подлабока интеграција на земјата во ЕУ.
Во меѓувреме, во земјата не стивнуваат реакциите. Сопратијците на Борисов изразија згрозеност од потегот, додека оние од страната на Радев се прашуваат зошто воопшто некој тајно би го сликал бугарскиот премиер додека спие.
Претседателот се подготвува да ни прави лоши работи. Очигледно, тие не можат да нѐ победат на избори, затоа ќе бидам буден. Претседателот Радев ја премина границата и си дозволува да крене беспилотно летало и да ме фотографира – рече Борисов.
Над терасата, пред влезот и кога ќе викнам и ќе им кажам: Зошто не реагирате, овој дрон доаѓа на оддалеченост од еден метар од мене, можеби носи експлозив, тие велат: „Па претседателот го управува,, независен!“ Јас лично велам дека ме следи со беспилотно летало – обвинителството да се јави во НСО (Националната служба за заштита) и да ги праша – рече бугарскиот премиер.
Тој вели дека станува збор за напад како од учебниците на КГБ.
Имаме систем да го урнат дронот, но тие одат, му кажуваат дека сум налутен и тој си го прибира – рече Борисов појаснувајќи дека Радев лично го управува дронот кој го добил на подарок од Кина.
Тој уште дополни дека според бојата на прекривките во неговата соба, фотографиите се направени пред евроизборите. На една од фотографиите се гледа како разголениот Борисов спие до шкафче во кое има купчиња банкноти од по 500 евра. Над шкафчето е оставен и пиштол и стар модел на телефон со приклучени слушалки.
По втор пат во една седмица до медиумите се испратени компромитирачки информации против Борисов. Пред неколку дена, анонимно беше објавена аудио снимка, на која се слуша глас кој многу потсеќа на Борисов како на непримерен начин ги коментира претседателот на бугарскиот парламент и заменикот премиер. Истот глас се фали дека и наредил на независна ревизорска куќа да ја истражи работата на една бугарска компанија. Обвинителството почна истрага за овие снимки за да утврди дека настанале со незаконско прислушување или се измонтирани со цел да му се нанесе штета на Борисов.