недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Србинот од Бањска бил убиен додека лежел на грб, тврди Белград

Србинот од Бањска бил убиен додека лежел на грб, тврди Белград

Директорот на српската владина канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, денеска на прес-конференција рече дека „косовската полиција се осветува на Србите и дека теророт на Албин Курти од ден на ден се зголемува“. Тој изјави дека нема соодветна реакција од Западот за тоа што се случува на Косово и оти, како што вели, тамошната влада може да направи се што прави поради тоа. Тој додаде дека во редовите на косовската полиција имало платени убијци.

„Тие сакаат да прикријат дека Србите се убиени неселективно. Тие не сакаат да се утврди дека во редовите на косовската полиција имало платени убијци кои дошле од различни терористички кампови со цел да ги убијат сите Срби. Затоа не дозволуваат ЕУЛЕКС да се вклучи во истрагата. До денеска не добивме одговор од ЕУЛЕКС“, рече Петковиќ.

Тој рече дека „заштитениот сведок“ раскажал како бил егзекутиран Бојан Мијаиловиќ, а потоа покажа фотографија од неговото тело.

„Ве предупредувам дека фотографијата содржи чувствителна содржина, но добивме согласност од семејството на Бојан да ја објавиме оваа фотографија. Она што ни го кажаа нашите патолози, бидејќи ЕУЛЕКС и косовската полиција им забранија на нашите експерти да присуствуваат на обдукцијата, е дека од влезната рана се гледа дека тој бил убиен додека лежел на грб. Десната нога му е во неправилна положба, што јасно покажува дека прво бил ранет, дека паднал и дека после тоа е извршена егзекуцијата“, наведува Петковиќ.

Косовскиот премиер, пак, Албин Курти денеска соопшти дека косовската полиција потврдила дека „терористичкиот напад“ во Бањска, општина Звечан, бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово.

„Врз основа на одземените документи, косовската полиција потврди дека терористичкиот напад бил дел од поширок план за анексија на северот на Косово преку координиран напад на 37 различни позиции. Би следело формирање коридор кон Србија, за да се овозможи снабдување со оружје и војници“, напиша Курти на X (Твитер).

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека подготовките за нападот биле направени во Србија и дека тоа може да се види од беспилотните летала запленети од групата.

Во нападот на група Срби на 24 септември, предводена од потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, беше убиен косовски полицаец, а потоа косовската полиција во, како што рече, „антитерористичка операција“ ликвидираше четворица напаѓачи и уапси уште шестмина.