Политичките и институционалните претставници на косовските Срби одлучија да ги напуштат сите косовски институции „до повлекување на одлуката на Приштина за пререгистрација и формирање на Заедница на српските општини“.
Претставниците на Србите на Косово одржаа средба која како што јавуваат медиумите од Србија траела половина час и ги соопштија одлуките. На средбата присуствуваа и лидерите на Српската листа и на сите четири општини од северот – Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ.
Србите го напуштаат собранието, владата и сите институции, вклучително и учеството во полицијата и судството беше соопштено по состанокот.
Претседателот на Српската листа и министер во Владата на Косово Горан Ракиќ поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање.
Игор Симиќ соопшти дека поднесува неотповиклива оставка како пратеник во косовското Собрание. Српските медиуми објавија дека Србите кои се дел од косовската полиција ги соблекле униформите. Одлуките остануваат во сила се додека Приштина не ги повлече едностраните одлуки за регистарските таблички.