сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Ставен под контрола големиот пожар во близина на Атина

Ставен под контрола големиот пожар во близина на Атина

По речиси 22 часа битка со огнената стихија, пожарот во североисточниот дел на Атина е ставен под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос, на вонредниот брифинг кусо по 15 часот по локално време соопшти дека не постои активно жариште, пожарот во поголемиот дел е под контрола, а постојат мали разгорувања во пет населби.

Објасни дека сите сили на цивилната заштита остануваат на терен за да спречат евентуални разгорувања.

Истакна дека за граѓаните кои не можат да се вратат во нивните домови обезбедено е привремено сместување, а веќе се згрижено 26 лица.

Шумскиот пожар избувна вчера, кусо по 17 часот од планината Пендели и поради силниот ветер, се спушти и брзо се прошири кон населените места, заземајќи големи размери со активни жаришта во повеќе населби.

Сè уште е непозната големината на материјалната штета предизвикана од шумскиот пожар, но сигурно е дека има целосно изгорени куќи и возила, но и куќи кои претрпеа материјална штета.

Во текот на ноќта преку неколку пораки од бројот за итни случаи 112  беше побарано од жителите на шест населби да се евакуираат, а досега, според портпаролот на противпожарната служба, биле организирани евакуации на граѓани во област со 90.000 жители.

Од почетокот на пожарот беше побарано од жителите на најмалку десет населби да ги напуштат нивните домови.

Доцна синоќа превентивно беа евакуирани и Националната опсерваторија и две детска болница со 35 и 36 деца.

За време на пожарот 84-годишен маж се самоубил во неговиот двор, веројатно поради огнената стихија што стигнала до неговата куќа и според грчките медиуми, не можел да издржи да го гледа неговиот дом да гори по трет пат.

При евакуацијата на жителите 30 лица со брза помош биле пренесени во болница, од кои тројца со изгореници, а останатите, меѓу нив и тројца пожарникари, имале проблеми со дишењето или полесни повреди.

Во гаснењето на пожарот утрово учествуваа 485 пожарникари, заедно со пожарникарите од Романија кои се во Грција, 28 пешадиски тима, 120 противпожарни возила, пожарникари волонтери и цистерни од општините, а од воздух, периодично пожарот го гасат девет авиони и десет хеликоптери, од кои еден е за координација.

Силниот ветер беше главната причина за брзото ширење на пожарот, а според портпаролот на противпожарната служба на Грција во 4.50 часот утрово во делот каде што беше најголем интензитетот на пожарот, ветерот бил со 113 километри на час, ја менувал насоката на огнената стихија и за 10-15 минути, пожарот поминал  шест до седум километри.

Според порталот Метео и Националната опсерваторија во Атина, кои објавија оптичката сателитска снимка од европскиот сателит Метеосат-11, поради силниот ветар со брзина од 100 километри на час, чадот од пожарот стигнал на далечина и до 400 километри, односно речиси до островот Крит.