Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека информациите објавени во одредени српски медиуми за наводно подигнувањето на борбената готовност на Косово се невистинити и претставуваат пропаганда на Србија и Русија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Откако утрово во областите во северно Косово, населени со мнозинско српско население, осамнаа уште две нови барикади, Свечља на својата страница на Фејсбук напиша дека Косово не е заинтересирано за војна, туку се бори против тероризмот и криминалот во земјата.
-Токму Србија, која е под влијание на Русија, е таа која ја подигна борбената готовност, наредува подигнување нови барикади, за да ги оправда и да ги заштити криминалните групи кои ги тероризираат посебно граѓаните од српска етничка припадност кои живеат во Косово. Не сме заинтересирани за војна, туку се залагаме за борба против тероризмот и криминалот во нашата држава. Тоа ѝ пречи на Србија затоа што веќе со години ги одржува на сите начини криминалните групи на северот на земјата, напиша Свечља.
Косовските Срби на 10 декември поставија барикадите на патиштата кои водат кон границата со Србија, во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово. (МИА)